Во 1992 светот се разбуди без Советскиот Сојуз на светската мапа. Една од двете светски супер сили се распадна без војна, странска инвазија или некоја друга катастрофа. И тоа се случи наспроти сите очекувања. Вистина, постоеја силни докази во прилог на тоа дека советскиот систем веќе се наоѓаше во иреверзибилен пад уште од 1970тите, но овој процес се очекуваше да се разоткрие во текот на многу децении; ништо не го наговестуваше неговиот распад како климакс на “краткиот . дваесетти век”
Во 1985, 1986, па дури и во 1989, распадот на Советскиот Сојуз беше исто толку незамислив за современите аналитичари колку што им е незамислив распадот на Европската Унија на денешните експерти. Советската империја беше премногу голема за да доживее неуспех, премногу стабилна за да колабира, преживеа премногу турбулентни моменти за едноставно само да имплодира.
Но каква разлика може да направи само една деценија! Исход кој беше перцепиран како незамислив во 1985 беше прогласен за неизбежен во 1995. И токму овој судбински пресврт, овој скок од “незамисливото” до “неизбежното” е она што го прави искуството од распадот на Советскиот Сојуз корисна референтна точка во тековните дискусии за иднината на европската криза и изборите со кои се соочуваат европските лидери.
И после сe, моменталната криза во ЕУ многу силно покажа дека ризикот од распад е многу повеќе отколку реторичка алатка – играчка чудовиште која исплашените политичари ја користат врз несреќните гласачи за да ги протуркаат мерките за штедење. Не само европските економии, туку и европската политика е во премрежие. Финансиската криза остро го редуцираше животниот век на владите, без оглед на нивната политичка обоеност, и отвори простор за подемот на популистички и протестни партии. Јавното мнение може најдобро да се опише како комбинација на песимизам и бес.
Ова најдобро се рефлектира во најскорешната анкета Иднината на Европа, финансирана од Европската Комисија и објавена во април, 2012. Таа покажува дека додека мнозинството од Европејците се сложуваат дека ЕУ е добро место за живеење, нивната доверба во економскиот перформанс на Унијата и нејзиниот капацитет да игра главна улога во глобалната политика опаѓа. Повеќе од шест од кои било десет Европејци веруваат дека животите на денешните деца ќе бидат потешки од оние на луѓето од нивната генерација. Уште позагриживачки, скоро 90% од Европејците гледаат голем јаз помеѓу она што јавноста го сака и она што владите го прават. Само третина од Европејците мислат дека нивниот глас се важи на ниво на ЕУ, и само 18% од Италијаните и 15% од Грците мислат дека нивниот глас се важи дури и во нивните сопствени земји.
Наспроти ваквата позадина, колку е незамислив распадот на ЕУ? Овде, европската способност да земе лекција од советскиот претходник би можела да одигра круцијална улога. Бидејќи голиот опстанок на ЕУ би можел да зависи од способноста на нејзините лидери да го изменаџираат истиот микс на политички, економски и психолошки фактори кои беа во игра во процесот на советскиот колапс.
Советскиот поредок “се сруши како кула од карти”, напиша еминентниот историчар Мартин Малиа, “бидејќи тој отсекогаш бил кула од карти”. ЕУ не е кула од карти, и оваа голема разлика помеѓу советските и проектите на ЕУ мора секогаш да се има на ум. Но дури иако ЕУ никогаш не била заведена од искушенијата на комунизмот и централното планирање, таа сепак не е имуна на пороците на комплексноста. Тоа е најсофистицираната политичка загатка позната во историјата. Втемелувачот на британскиот устав од средината на 19ттиот век, Волтер Багехот, ја припишал моќта на монархијата кон фактот што “таа е разбирлива влада. Масите луѓе ја разбирале.” Спротивно на тоа, ЕУ е неразбирлива влада која масите Европејци не можат да ја разберат.
Луѓето ширум ЕУ не можат да сфатат како функционира Унијата, и така им е уште потешко да сфатат што би значел “колапсот на Унијата”. Во случајот на Советскиот Сојуз, колапсот значеше исчезнување на една земја од мапата на светот и појавата на дузина нови земји долж една огромна територија од северо-централна Азија до југоисточна Европа. Но ЕУ не е земја, и ако се распадне, пак ништо не би се сменило на мапите. Уште повеќе, доколку ЕУ би се распаднала, повеќето (ако не и сите) нејзини земји-членки би останале пазарно ориентирани демократии.
Па, на кој начин може нејзиниот распад да биде дефиниран или концептуализиран? Дали заминувањето на барем една земја од еврозоната, или пак од самата Унија, би значело нејзин “распад”? Или пак други трендови би биле доволен индикатор: опаѓањето на глобалното влијание на ЕУ или пак отфрлањето на некои од главните достигнувања на европската интеграција (како на пример слободното движење на луѓе, или пак институции каква што е Европскиот суд на правдата)?
При одговорот на овие прашања, советското искуство нуди неколку корисни лекции.
Првата лекција исто така е парадокс: имено, верувањето (поддржано од економисти, и споделено од европската политичка класа) дека Унијата не може да се распадне истовремено е и еден од главните ризици од распаднување. Последните години на Советскиот Сојуз се класични манифестации на ваквата динамика. Перцепцијата дека распадот е “незамислив” би можела да ги стави во искушение ковачите на стратегијата да ги прифатат анти-ЕУ политиките или таквата реторика за да се стекнат со краткорочна предност, мислејќи дека “ништо лошо не може вистински да се случи” на долгорочен план.
Но распадот на ЕУ нужно не мора да дојде како резултат на победата на анти-ЕУ силите врз про-ЕУ силите; советското искуство е моќно предупредување за Европа дека колапсот може да е ненамерна последица на долгорочната дисфункционалност на Унијата (или перцепирана дисфункционалност), комбинирана со погрешното читање на елитите на националните политички динамики. Почитуваниот историчар Стефан Коткин, обѕрнувајќи се на распадот на Советскиот Сојуз, смета дека вистинското прашање кое треба да биде поставено е: “Зошто советската елита го уништи сопствениот систем?” Процесот кој тој го анализира покажува дека подемот на анти-интеграциските сили може да претставува исход, а не и причина за колапсот.
Згора на тоа, проценката на ризикот од распад не треба да им биде оставена на економистите кои како да мижат со двете очи кога станува збор за колапс. Советскиот случај укажува на тоа дека енормните економски трошоци од распадот не се причина за тој да не се случи. Во оваа смисла, да се верува дека ЕУ не може да се распадне само заради тоа што тоа би било скапо, е слабо разубедување за стабилноста на Унијата.
Втората лекција од пропаста на Советскиот Сојуз е дека погрешно водени реформи – дури и повеќе од недостаток на реформи – може да резултира со распад. Токму за време на криза политичарите го бараат тој “сребрен куршум”, и многу често токму овој куршум е причина за смртта. Централен фактор во распадот на Советскиот систем беше неумешноста на Михаил Горбачов да ја сфати неговата природа (преку упорното продолжување на илузијата дека тој систем може да се зачува без комплетени реформи, и неговиот погрешен впечаток за сопствената супериорност). Европската Унија и нејзините земји-членки имаат своја сопствена историја на напори да се произведе единечна стратегија која би значела решавање на скоро сите нивни проблеми. Идејата за референдуми на европскиот устав која излезе спектакуларно наопаку во Франција и Холандија е само потсетник за опасностите од ваква насока на делување.
Третата лекција од советското искуство е дека главниот ризик за политичкиот проект – во отсуство на војна или други екстремни околности – доаѓа не од дестабилизирањето на периферијата туку од револтот во центарот (дури иако кризата на периферијата може да биде заразна). Повеќе беше рускиот избор да се ослободи од сојузот отколку желбата на балтичките републики да избегаат од него, она што ја одреди судбината на советската држава. Денес, германското гледиште врз она што се случува во Унијата е тоа што најодлучувачки ќе повлијае врз иднината на европскиот проект, одошто неволјите на грчката или шпанската економија. Тогаш кога “добитниците” од интеграцијата ќе почнат да се гледаат себеси како нејзини главни жртви, тогаш е сигурно дека големата неволја е иминентна.
Во моментов, Европејците немаат причини да се сомневаат во германската лојалност кон Унијата; а сепак, сe повеќе, ужасната неспособност на јужните земји должнички да ги “преведат” своите грижи на германски се изедначува со неуспехот на Германија да им ги “преведе” своите предложени решенија на јазиците на повеќето други земји-членки. А, она што е најзагрижувачки овде не е толку разноликоста на интересите туку недостатокот на емпатија.
Четвртата лекција е дека ако преовладее динамиката на распад, резултатот повеќе би личел на “банкарска пропаст” одошто на револуција. Така, најважниот фактор кој влијае врз шансите Унијата да преживее е довербата на елитите во своите капацитети да се справат со сопствените проблеми. Во Коткиновата умешна опсервација за советскиот случај: “Тоа беше повеќе централната елита, одошто независните движења на периферијата, која го финансираше Сојузот.” Додека луѓето можат да бидат несреќни во врска со Европа без да се вртат против неа, националните елити би можеле да ја напуштат заради стравот од губење контрола – и дури и во моментот кога ќе почнат да ги доведуваат во прашање нејзините проспекти, нивните дејства (преку предизвикување општа паника помеѓу оние кои се плашат дека ќе бидат последни во редот да си ги побараат своите пари, како при банкарска пропаст) можат да придонесат за нејзиниот евентуален колапс.
Последната и највознемирувачка лекција, која произлегува од студијата за советскиот колапс е таа што, во време на закани од распад, политичарите треба да се обложуваат на флексибилност и да го скротат својот природен порив за ригидност и трајни решенија (кои, ако и кога нема да успеат, можат да го забрзаат моментумот на распаѓањето). За жал, во моментов, европските носители на одлуки се обидуваат да ја спасат Унијата преку стратешки решенија кои радикално ги ограничуваат и националните влади и изборот на јавноста. Според тоа, гласачите во земји како Италија и Грција можат да менуваат влади, но не можат да менуваат стратегии: економското донесување на одлуки е de facto отстрането од електоралната стратегија.
Очекувањата се дека новите политики на фискална дисциплина ќе го намалат политичкиот притисок врз ЕУ. Но додека експертите можат да се солгласат или да не се согласат со сите ЗА и ПРОТИВ на пакетот со мерки за штедење, она што е поважно е дека ригидноста автоматски ќе ја забрза кризата, правејќи го така опстанокот на Унијата потежок. Пред десет години, европските носители на одлуки одлучија да не воведуваат никаков механизам за да и се дозволи на некоја земја да ја напушти тековната валута, за да го оневозможи распадот на еврозоната. Сега е јасно дека ваквата одлука ја направи еврозоната уште поранлива. На сличен начин, Советите го конструираа својот сојуз со намера да го направат нескршлив, но токму ваквата ригидност придонесе кон неговиот распад.
Германскиот поет- дисидент Вулф Биерман напиша пред многу години: “Единствено можам да го сакам она кое слободно можам да го напуштам.” Денешните европски носители на одлуки ја забораваат оваа вистина. Со тоа што следат нефлексибилни политики кои ја прават цената на излезот неподносливо висока, тие го зголемуваат наместо да го ограничуваат ризикот. Бидејќи во голема криза – како што повторно на тоа нe учи колапсот на Советскиот Сојуз – популарниот одговор на “немаме друга алтернатива” може многу лесно да стане – која било друга алтернатива е подобра.
Published 11 July 2013
Original in English
Translated by
Keistina Krkacoska
First published by IWM Post Jan-April 2012 (English version); Roots 43-44 (2013) (Macedonian verison)
Contributed by Roots © Ivan Krastev / Roots / Eurozine
PDF/PRINTPublished in
In focal points
Newsletter
Subscribe to know what’s worth thinking about.