ВОСТАНИЕ ВО СЛОВЕНИЈА
Протестите на крајот од 2012-тата во Словенија го свртеа вниманието на весниците. Борис Везјак прашува која е целта на ова востание – одеднаш се чини дека тоа е универзално популарен концепт – и дали би можело да претставува нешто повеќе од само изолиран инцидент. Во доцната есен на 2012, Словенија се разбуди и луѓето почнаа да се креваат, на ептен големо изненадување од сите: активисти и оние што си седат дома, политичарите и граѓанското општество, интелектуалците и работниците, будните граѓани и пасивните маси. Настаните исто така го предизвикаа интересот и љубопитноста на соседните земји, а Словенија заслужи да биде спомената во интернационалните весници, што и не е баш честа појава. Која е целта на ова “востание”, овој наеднаш универзално популарен концепт? Дали е тоа само изолиран инцидент?
Востанието на кое јас мислам е истовремено едно и повеќе. Бранот на протести во Марибор против градоначалникот Франц Канглер недвојбено е еден развој на настаните кои предизвикаа бран на слични такви настани. Но видено во ретроспектива тоа е само минливо оправдување за нешто неизмерно поголемо кое далеку го надминува незадоволството на локалните граѓани. Масовните демонстрации низ целата земја кои следеа, со непредвидена брзина и различен интензитет во многу различни места, сите тие се израз на општата расположба кај луѓето, таква што со логично може да упатиме кон една одредена унитарност во волјата на народот. Ова чувство на унитарност и заедничка цел моментално преовладува помеѓу обичниот народ, влијаејќи и мотивирајќи ги на дејство дури и најдистанцираните и индиферентни граѓани.
Од каде доаѓа ова чувство на итност, заради кое многумина одеднаш се чувствуваат повикани да учествуваат, или ако ништо друго, барем да обрнат внимание? Тоа е уникатна и ретко повторлива ситуација, за чија историска природа се уште не сме целосно свесни – се чувствува дека нешто исклучително се случува, имено самото востание, кое не води кон тоа да веруваме дека zeitgeist-от на кој сега сме сведоци е еден исклучително непостојан момент кој е многу тешко да се фати. Токму заради тоа што не можеме да ги фатиме нештата во контекст на фиксната идеја за “овде и сега”, следствено чувствуваме дека моментот е историски, и дека можеби заради таа причина треба да бидеме присутни. Сепак бранос на протести се крена спроти една тривијална позадина. Мотивите позади него беа еднакво тривијални: масите беа разбеснати кога градоначалникот на Марибор се обиде да наметне радарски систем за да ги фати и казни оние кои го прекршиле ограничувањето на брзината, помеѓу нив можеби и оние гладни и боси. На повеќе од 20,000 луѓе им беа издадени казнени пријави за само две седмици – во град од 100,000 жители. Постоеше чувство дека се таргетира домашниот буџет на граѓаните. Ова предизвика непореклив елемент на вандализам, камерите беа тајно палени ноќе, а извршителите на ваквите дела ја уживаа тивката солидарност на повеќето од граѓаните, зајакнувајќи го колективното верување дека овие камери претставуваат напад на самиот град, иницирани од градоначалникот, веќе компромитиран од дузина криминални обвиненија. Како врв на сe, договорот за инсталирањето на ваквите камери беше проследен како исклучително сомнителен. Сето ова беше доволно за да се отпочне со еден масивен извик во убедувањето дека овој пат Канглер претерал со разбојништвата врз своите сограѓани. Но ваквото цицање на парите од плаќачите на даноци се случувало и многу порано, а и во повеќе наврати, дури иако граѓаните останувале неми. Тогаш, во Мај 2012, Канглер беше уапсен и задржан под обвинение дека извршил 15 различни криминални прекршоци.
Вистинското прашање никогаш не било зошто луѓето пружаат отпор, туку зошто им требаше толку долго да се кренат. Нивниот револт користеше алатки поинакви од оние кои традиционално биле користени од револуционерите: анонимни пишувачи на Facebook ја презедоа и ја извршуваа улогата на организатори и агитатори на еден многу итар и вешт начин. Тие демонстрираа совршено разбирање за психологијата на толпата. Иако дури ни денес не знаеме кои се тие, улиците на Марибор заживеаја, и се повеќе и повеќе луѓе почнуваа да се слеваат во нив како во ефект на снежна топка, секој последователен протест се дуплираше по бројност, небаре граѓаните конечно сфатиле дека поседуваат една претходно добро скриена или дури и невидлива моќ. Тие го луфтираа својот бес во низа акции, некои од нив беа насилни. Ја побараа и ја добија оставката на градоначалникот, кој не призна никаков губиток на кредибилитет. Наместо тоа го портретираше своето заминување како тоа да е за доброто на градот и тврдеше дека е жртва на левичарски заговор.
Но Канглер си замина предоцна – дури и пред да ја постигнат својата цел, протестите пламнаа како шумски пожар во бројни градови, а нивната основна агенда беше елаборирана и надоградена: кон експлицитно анти-градоначалничкото гледиште беа додадени социјални и економски барања, а беше демонстриран и широк отпор спрема политичките елити. Навистина, референците кон овие елити се најчестата карактеристика на обидите да се опише природата на тековните протести. Меѓутоа, многумина ги перцепираат протестите како борба за социјална правда и еднаквост, и против сиромаштијата и невработеноста. Во спротивставувањето на интересите на капиталистичките и корумпирани клики, востанијата треба првенствено да бидат подразбрани како политички акт. И додека може на нив да се гледа како на ехо од развојот на настаните низ Европа, тие се разликуваат од протестите кои еруптираа во Грција и Шпанија против последователните рунди на мерки за штедење и прекршување на човековите права кои произлегуваат од нив. Заради тоа што ваквите мерки не беа преземени во Словенија и нејзините протести остануваат пред се политичка борба против елитите и владата. Фасцинантната, историска природа на моментот произлегува од ретко видените манифестации на спонтана демократија од страна на народот – сосем е можно дека не сме го виделе ова во толку јасна и страствена форма во Словенија од моментите на плебисцитна независност. Енергичните гласини на незадоволство ја открија политичката природа на востанијата – освен што бараат оставка од елитите, тие бараат повторно враќање на власта на обичниот народ во време кога локалните и националните власти се оттуѓија од јавноста. И губењето на довербата во властите си го зеде својот данок. Политичкиот ангажман овде е интерпретиран како фундаментален за демократијата: токму заради оваа причина ние сакаме да ги опишеме моменталните околности користејќи ги категориите на директната демократија, и да се угладама на Исланд како наш модел. Додека го пишувам ова (а, непредвидливоста на моментот, подложен на својата историска природа изискува референца кон него), протестните движења сe уште се на раскрсница на повеќе можни насоки. Тие може и да изумрат, оставајќи ништо повеќе од само пријатен спомен. Едно ново, можеби пресметано задоволство со статусот кво, вкоренет во стравот да се раскрсти со политичките околности на кои сите ропски се навикнавме се досега, е она што ме загрижува мене: ова може да ја поткопа целосната преданост кон протестните движења. Истовремно, со право се плашиме дека ваквото продуктивно крчкање нема да успее да пронајде заеднички именител, и дека инцијативите ќе останат фрагментирани. Или дека сите напори ќе бидат залудни, а движечката сила ќе исчезне без да успее да ги воспостави новите политички субјективитети и услови. А ова е горливото прашање на нештата: да се покаже до кој степен граѓаните сами може да изнаоѓаат алтернативни концепти и проекти во политичката сфера. Ако не можат и не знаат како да го направат ова, тогаш таргетираните елити ќе си ги задржат позициите и ќе бидат посилни од кога било порано. Основната дилема на илјадниците протести, сите на еден или друг начин манифестации на едно востание, лежи во потрагата за легитимност: се додека актерите се распрскани и единечни, тие не поседуваат голема моќ. Единствено обединети во својата програма и визии можат да имаат конструктивно влијание. Истовремено достигнувањето на ваква критична маса не е лесно, бидејќи различните форми на директна демократија им го препуштаат патот на плуралноста на барањата и делувањата. Но постои и дополнителна потешкотија. После иницијалното движење во Марибор, предизвикано од анонимни автори на Facebook, во градот се појавија одреден број на групи кои изгледа си мислат дека ја добиле легитимноста преку генерирање на нови политички парадигми. Меѓутоа, ваквите групи само ја презедоја улогата на организатори чии идентитети ние дури не ги ни знаеме. И токму заради тоа тие не беа во состојба да им ја предадат легитимноста на другите. На извесен начин беше неизбежно дека постоечките групи ќе прибегнат кон прибирање на заслугите за движењето и дека, на овој начин, нови антагонизми ќе навлезат на сцената. Така моменталното прашање не е само од кого и како може да биде понудена алтернатива туку и како таа да се заснова на консензус и широко распространета поддршка. Нешто што ќе претставува алтернатива не само за оваа Влада и политичка елита, туку истовремено алтернатива на социјалниот и економскиот систем. Кога народот сака да ја смени својата политика, тоа сигурно не е само од политички причини.
Published 2 January 2014
Original in Slovenian
Translated by
Christina Krkachoska
First published by Roots 45-46 (2013) (Macedonian verison); Dialogi 9/2012 (Slovenian verison)
Contributed by Roots © Boris Vezjak / Roots / Eurozine
PDF/PRINTNewsletter
Subscribe to know what’s worth thinking about.